Челниците на англиската Премиер лига објавија дека повеќе нема да ги прикажуваат своите првенствени натпревари во Русија, пренесе британски „Скај“.
Луѓето кои го предводат Премиершипот еднострано го раскинаа договорот со „Рамблер“, а одлуката стапува во сила веднаш. Лигата ќе плати и милион фунти за поддршка на украинскиот народ.
Големите акционери на лигата на состанокот одржан денеска одлучија, како што беше речено, заеднички став на лигата да се осуди најостро руската инвазија на Украина.
„Повикуваме на мир и нашите мисли се со сите што на овој начин беа оштетени од оваа војна. Износот од еден милион фунти ќе биде исплатен на Комитетот за итни случаи, кој директно ќе доставува хуманитарна помош до луѓето на кои им е потребна помош“, се вели во соопштението.
Челниците на Премиер лигата потпишаа договор за откуп на ТВ права со компанијата „Рамблер“ во април 2019 година, со кој Премиер лигата ги продаде ексклузивните права за пренос на натпревари за три години.
Фудбалската асоцијација на Англија, исто така, го раскина договорот со истата телевизија кога станува збор за правата за пренос на натпревари од ФА Купот.