Од таа дата, ништо не е прифатено. Премиере, цинично ми се смеете, но до денес, од вас не добив одговор на тие прашања. Сакам да го видам документот кој ја потпишал акциската контрола. Министерот Панче Тошковски сакам да ми одговори на тоа прашање – кој ја потпишал и наредил полициската контрола во Кочани таа ноќ? Во 12 часот сите од СВР Штип и ОВР Кочани биле пред дискотеката. Во 12 часот, да се почнело со рацијата, децата ќе беа живи, рече една од мајките чие дете загина во дискотеката „Пулс“, на денешната седница на Анкетната комисија во Собранието за големата трагедија која се случи на 16-ти март годинава.
Мајката Верица Трифунова, мајка на сега починатата Моника Спасова, рече и дека премиерот Христијан Мицкоски има морална одговорност.
-Да сте на мое место, како би реагирале за вашето дете? Не ми се лутете, не ве напаѓам. Да е друга партија на власт, истото би го кажала. Сама го зедов мртво и го носев. Тоа беше хорор. Црни излегуваа децата, не знаеја каде се наоѓаат. Како хорор беше, децата беа како зомби, рече мајката, посочувајќи за одговорност од страна на МВР, АНБ, БЈБ, ЦУК, УЈП, ДПИ, СВР Штип, ОВР Кочани, Министерство за економија, поранешните градоначалници, но и газдата на локалот, Дејан Јованов, заедно со сопругата, синот, ќерката и братот за, како што вели, прикривање на докази и ѕвонење по телефон за да се преземе „ортакот на монструмот Деко“.
Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права ја разгледува претставката од Здружението на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ со која бараат да се поведе постапка за утврдување на можните повреди на човековите права, да се сослушаат претставници на релевантните институции и да отвори парламентарна истрага за евентуалните прекривање и коруптивни влијанија. На седницата присуствуваат и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.