Премиерката на Нов Зеланд најави оставка

од Vladimir Zorba
298 прегледи

Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн денеска соопшти дека поднесува оставка, наведувајќи дека „нема повеќе енергија“ по пет и пол години на власт и девет месеци пред следните парламентарни избори.

Нејзиниот чувствителен пристап кон најлошото масовно убиство во земјата и одговорот на пандемијата на коронавирус ја направи меѓународна икона, но таа се соочува со растечки критики дома, според агенцијата АП.

Борејќи се со солзите, Ардерн им рече на новинарите во Напиер дека 7 февруари ќе биде нејзиниот последен ден како премиер.

„Сега влегувам во мојата шеста година како премиер и за секоја од овие години го давав мојот апсолутно максимум“, рече таа.

Таа најави и дека општите избори во Нов Зеланд ќе се одржат на 14 октомври и дека дотогаш таа ќе биде пратеник.

Нејзината објава е шокантна за луѓето во земјата. Иако во политичките кругови се зборуваше дека Ардерн може да поднесе оставка пред следните избори, таа секогаш велеше дека планира повторно да се кандидира.

Лабуристичката партија во следните три дена ќе гласа за нов партиски лидер, кој ќе биде и нов премиер. Вицепремиерот Грант Робертсон веднаш изјави дека нема да се кандидира за таа функција.

Ардерн стана инспирација за жените ширум светот кога победи на изборите во 2017 година на 37-годишна возраст. Следната година, таа стана само вториот светски лидер кој има дете додека беше на таа позиција. Кога ја донесе својата мала ќерка на Генералното собрание на ОН, тоа им донесе насмевки на луѓето ширум светот.

Во март 2019 година, таа се соочи со еден од најтемните денови во историјата на Нов Зеланд кога терорист упадна во две џамии во Крајстчерч и уби 51 лице. Таа доби пофалби за начинот на кој по нападот се однесуваше со преживеаните и со муслиманската заедница во Нов Зеланд.

Беше пофалена ширум светот за првичното сузбивање на пандемијата на коронавирус, но беше принудена да ја напушти стратегијата за нулта толеранција кога се проширија повеќе заразни варијанти и вакцините станаа подостапни.

Таа се соочи со зголемен гнев во земјата од луѓе кои се спротивставија на прописите и наредбите поврзани со коронавирусот. Минатогодишниот протест, кој започна пред Собранието, траеше повеќе од три недели и заврши со фрлање камења на демонстрантите кон полицијата и палење шатори и душеци кога полицијата ги растера.

Зовриените емоции поврзани со дебатата околу коронавирусот доведоа до жестоки критики упатени кон Ардерн, кои ретко беа упатени кон другите лидери на Нов Зеланд.

Нејзината Лабуристичка партија извојува убедлива победа на изборите пред две години со историско мнозинство, но неодамнешните анкети покажуваат дека партијата сега заостанува зад своите конзервативни ривали во однос на поддршката.

Ардерн рече дека нејзината улога „бара од вас да имате резерва за да се соочите со неочекуваното“.

„Но, јас не си заминувам затоа што е тешко. Да беше така, веројатно ќе си заминав по два месеци од стапувањето на функцијата. Заминувам затоа што со ваквата привилегија доаѓа одговорноста, одговорноста да знаеш кога си вистинската личност да води, а исто така и кога не си“, рече таа.

Посочи дека нејзиното време како премиер било исполнето, но предизвикувачко.

„Знам што е потребно за да ја вршам оваа работа и знам дека немам доволно резерви за да ја вршам правилно, едноставно се сведува на тоа“, рече таа.

Ардерн рече дека нема непосредни планови што ќе прави кога ќе ја напушти функцијата, освен семејните обврски кон ќерката Нив и свршеникот Кларк Гејфорд. Нивната планирана венчавка беше одложена поради пандемијата.

Слични содржини