Запрашан дали синдикалците можат да се надеваат на 500 евра минимална плата од април, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вели дека тоа зависи дали ќе се договорат со работодавачите на Економско-социјалниот совет. Но доколку се мисли на предлогот, како што вели, на здружената опозиција СДСМ, Левица, ДУИ и ССМ за Владата да субвенционира до 30 илјади денари, Мицкоски жали што Синдикатот се претвора во „партиска бина на коалиција СДСМ, Левица и ДУИ“.
-Практично тоа што овие го говорат во Парламент, овие го говорат на прес-конференции. Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог. Жалам што Владата која што за седум години функционираше во услови кога живи луѓе гореа во модуларни болници, имаше несреќи од типот на Ласкарци и Беса транс во Бугарија, жалам што воведуваше скалести даноци, па се враќаше назад…Им текна после 7 години и мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот, за да нема за улици, градинки, училишта, канализации. Ние сме Влада која го поддржа стопанството со 250 милиони евра. Обезбедуваме најниска каматна стапка од 1,95%. Доколку работниците и работодавачите се договорат за 30 илјади денари минимална плата, со целосно подмирени трошоци од работодавачите, ние тоа ќе го прифатиме и немаме против, рече денеска претседателот на Владата.
Мицкоски вели дека дополнителните придонеси кои што би ги праќала Владата, во случај на договор, не се предвидени во Буџетот.
-Не знам како би се сложиле (работодавачите) кога немаме репрезентативен претставник на синдикатите. Доколку се избере и доколку тој заедно со работодавачите се сложат за 30 илјади денари во која што работодавачите целосно ќе ги исплатат придонесите, ние ќе го прифатиме. Треба да се формира Комисија за утврдување на репрезентативноста. Таа утврдува кој од синдикатите ги исполнува условите согласно правилникот, додаде премиерот.