Премиерот ќе разговара со партиите за да се надмине проблемот со народниот правобранител

Власта моментално нема Бадентерово мнозинство кое е потребно за избор на нов народен правобранител

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител тв

Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека во периодот што следува ќе има средби со пратеници и пратенички групи со цел да се реши прашањето со изборот на народниот правобранител, за кој е потребно Бадентерово мнозинство.

-Ќе разговараме со повеќе пратеници и пратенички групи за да се надмине овој проблем. Цениме дека треба да се надмине бидејќи е дел од Извештајот што го подготвува Европската комисија за напредокот на Македонија како држава. И доколку сите сакаме да се придвижиме напред, доколку сите имаме желба да ја видиме земјата како рамноправен дел во рамки на Европската унија, тогаш не гледам причина зошто едно такво решение да не поддржано и сето ова да не биде завршено – изјави денеска Мицкоски при посетата на Кавадарци.

По заминувањето на досегашниот народен правобранител Насер Зибери во пензија, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата го предложи Фатон Сељами за народен правобранител, но тој не може да биде изгласан затоа што нема доволен број пратеници за гласање по Бадентер, односно недостигаат гласовите од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите во последните денови од 2025 година, апелираше пратениците да најдат политичка волја за Собранието да избере народен правобранител, откако вработените во институцијата пратија писмо и до Собранието, но и до медиумите и амбасадите, дека институцијата е во целосна блокада и дека веќе од 1 јануари нема кој да им ги потпишува ниту платите на вработените.Гаши најави личен ангажман за да се најде решение за ова прашање, бидејќи станува збор за важна институција и оти е недозволиво толку долго да нема прв човек.