Премиерот Ковачевски на средби со Петков, Радев и Минчев

од Берта Китинска
291 прегледи

Владите на Северна Македонија и Бугарија предводени од премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска во резиденцијата „Бојана” во Софија ќе одржат заедничка седница на која, меѓу другото, е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Агендата предвидува тет-а-тет средба на премиерите Ковачевски и Петков и состанок на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска.

Премиерите и министрите на двете влади после одделните работни средби е предвидено да продолжат со пленарната седница на којашто ќе бидат презентирани резултатите од работните групи, после што ќе следува потпишување меморандуми и договори за соработка.

Работниот дел на заедничката седница на Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија завршува со прес-конференција на премиерите Ковачевски и Петков на која пред новинарите и јавноста ќе ги презентираат резултатите од меѓувладината сесија.

Во попладневните часови утре, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, придружуван од членови на Владата, ќе има одделни средби со претседателот на Република Бугарија Румен Радев и со претседателот на бугарското Собрание Никола Минчев.

Слични содржини