Мал број Италијанци кои одбиваат да се вакцинираат против Ковид 19 се во голема мера одговорни за продолжување на здравствената криза, изјави денеска италијанскиот премиер Марио Драги, пренесе „Танјуг“.
Минатата недела италијанската влада ја направи вакцинацијата задолжителна за сите постари од 50 години во обид да го намали притисокот врз нивните болници поради зголемувањето на бројот на новозаразени, објави Ројтерс.
„Никогаш не смееме да го изгубиме од вид фактот дека најголем дел од проблемите што ги имаме денес се поради тоа што има невакцинирани луѓе“, рече Драги на прес-конференција.
По кој знае кој пат ги повикувам сите оние Италијанци кои се уште не се вакцинирани да го сторат тоа и да ја примат третата доза од вакцината“, посочи тој.
Министерот за здравство Роберто Сперанца рече дека 89,4 отсто од сите луѓе на возраст над 12 години примиле најмалку една доза од вакцината, но дека невакцинираните сочинуваат две третини од сите пациенти со Ковид во одделенијата за интензивна нега.
Со дополнителен притисок врз луѓето да се вакцинираат, денеска стапија на сила новите ограничувања кои им забрануваат на оние кои се уште не се вакцинирани да влегуваат во барови и ресторани или да користат јавен превоз.
Само оние кои неодамна се опоравиле од Ковид 19 ќе бидат изземени од новото правило.