Премиерот не се откажува од реформите во судството: Секој ден си земаат плата, а имаат 2% доверба кај граѓаните

од Nikola Popovski
73 прегледи

Повторно запрашан за состојбите во судството и најавите за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, премиерот Христијан Мицкоски потенцира дека „убава е позицијата“ на членовите на Советите.

-Секој месец да си земате плата, а да имате 2% доверба кај граѓаните – седнати во дебели кожни фотелји и со црвени килими и секој ден да си доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само 2% доверба. И нормално е кога некој ќе сака да направи реформа и да го реши тоа, веднаш од другата страна имаме одбранбен механизам. Нашата реформа предвидува да нема повеќе удобни фотелји и да има отчетност и одговорност, кажа премиерот.

Вели дека „доколку би имал 2% доверба, веднаш би се засрамил и би ја напуштил работата која што ја работи. Ќе се занимавам со нешто друго“.

Според Мицкоски, како Влада ќе продолжат да нудат решенија и спремни се со секого да разговараат, само, како што истакнува, нешто да се смени, за да не биде како досега.

-Доколку не, ќе останеме на дното на Балканот и ќе продолжиме да си тонеме во политичко мочуриште. Јас додека сум претседател на Владата, тоа нема да го дозволам и ќе се борам со сите оние кои што не сакаат Македонија и граѓаните да успеат, дециден е претседателот на македонската влада кој одговараше на новинарски прашања по најавата за новата германско-белгиска инвестиција во земјава.

Слични содржини