Премиерот Христијан Мицкоски не е задоволен од новиот состав на раководството на СДСМ. Тој денеска го коментираше вчерашниот конгрес на партијата на кој беa избрани нови членови на Централниот одбор на СДСМ.
-Членовите на Конгресот на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат. Тие најдобро си знаат. Како порака можам да испратам дека не сум импресиониран од ова раководство. Сум разочаран затоа што ценам дека овие луѓе не можат да бидат конструктивна опозиција и да бидат додадена вредност на политичката сцена. Верувам дека ќе продолжат конструкциите, измислиците, ниски страсти, дневни навреди…, рече Мицкоски по поставување на камен темелник за изградба на детска градинка во рамките на постојната ЈДГ ,,8 Март” во општина Кисела Вода, запрашан каква опозиција очекува во пресрет на локалните избори наредната 2025 година.
Премиерот нагласидека изборите ќе бидат вистински тест за СДСМ.
-Многу скоро од денеска ќе има тест за новото раководство на СДСМ и ќе видиме дали ќе понуди нешто ново. Посакувам да бидат конструктивен партнер на политичката сцена. Сепак, можам да констатирам дека не сум импресиониран од кадровската понуда, додаде Мицкоски.