Премиерот тајно се сретнал со семејствата на жртвите од Кочани – Митева најавува: Нема да има милост за одговорните!

од Марта Пешевска
29 прегледи

Телефонската линија 070 355 526, отворена од Владата за поддршка на повредените и семејствата на настраданите во трагичниот пожар во Кочани, официјално започна со работа. Според владиниот портпарол Марија Митева, интересот е голем – веќе над 30 семејства се јавиле со предлози и конкретни барања. Митева, во интервју за ТВ Сител, потенцираше дека поддршката нема да биде еднократна, туку долгорочна и со повеќе форми.

Таа истакна дека премиерот лично се сретнал со дел од семејствата на жртвите, по нивно барање средбата да не се прави јавно, со цел да не се користи трагедијата за политички поени. Од Владата порачуваат дека нема да дозволат трагедијата да се злоупотребува за политички цели. Митева реагираше на, како што рече, неточни информации пласирани од одредени политички структури, кои тврдат дека Владата го заострува јазикот кон јавноста.

„Болката од вакви трагедии е огромна, но токму затоа мораме да бидеме искрени и обединети. Нема место за селективност – секој што има одговорност ќе биде повикан на одговор, без разлика на политичката припадност“, рече Митева, коментирајќи ја истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, која, според неа, е при крај и може да се прошири.

Во врска со поддршката за повредените, таа најави дека на утрешната владина седница се очекува Министерството за внатрешни работи да го отстапи одморалиштето на Пониква за рехабилитација на преживеаните. Прашана за изборот на Азир Алиу за нов министер за здравство, Митева изјави дека искуството во извршната власт е клучно, а не само титулата. Таа го оцени здравствениот систем како разурнат во изминатите години, и додаде дека Владата сега има јасна визија за реформи и подобрување.

На прашање за досегашните постигнувања на Владата во првата година од мандатот, таа ги издвои: враќањето на институциите во служба на граѓаните, позитивни трендови во економијата и нов пристап во дипломатијата.

„Излегувањето на Алијанса за Албанците од Владата не ја промени нашата насока. Граѓаните ни дадоа мандат за промени и тоа ќе го испорачаме“, заклучи Митева.

Слични содржини