Што имаме ние од скандинавската среќа што премиерот Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ сакаат да ни ја прикажат и да не разубедат дека во држава со 400 евра минимална плата и цените што дивеат, добро се живеело. Да, се живее, ама до 10-ти во месецот, потоа е период на преживување. Со ВМРО ДПМНЕ на власт, година и пол, храната стана луксуз, луксуз е минималната плата, луксуз е чистиот воздух и справувањето со отпадот, луксуз е правдата, луксуз е да се има достоинствен живот. Ама, не е луксуз рекордно задолжување, новиот долг од 1,8 милијарди евра за првите 13 месеци, без никаков реален и видлив ефект на развојот, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната граѓанска трибина под слоганот „Се бориме се нашиот дом“ што се одржа во Радовиш.
Додаде дека откако на власта не им успеале така наречените „кошнички“, кои се покажале дека биле само лажен пи-ар и откако не презеле ништо, Владата на ВМРО ДПМНЕ користела само спинови и манипулации.
– Реалните податоци кажуваат инфлација од 4 отсто, а власта со спин се обидува да каже минус 0,2 отсто, ама споредувано месец со месец. Вистината е дека реалната инфлација е 4 отсто, дека храната е поскапа 6,3 отсто, цените во рестораните и хотелите над 8 отсто. Колку сакаат нека прават спинови, граѓаните гледат и чувствуваат. Не им требаат бројки, знаат колку можеле да купат со истите пари пред една година, а колку може сега. Ќесата од маркет е се попразна и се полесна, се бира што да се купи. Премиерот треба да знае дека граѓаните не може да живеат од неговите спинови, туку од она што им останува во паричникот, потенцираше Филипче.
Тој ги повика радовишани на 19 октомври да излезат масовно на гласање и да го дадат својот глас за кандиатот за градоначалник на Радовиш од СДСМ и коалицијата, Ристо Спасов и за советничката лита од оваа коалиција.