Не се чувствувам како џелат за да бесам некого. Во поглед на статусот на господинот Јакимовски, претпоставувам треба него да го прашате. Најверојатно има некое преносно значење кој што тој го разбира, рече пратеникот од опозицијата Љупчо Пренџов како одговор на прашањето како ја коментира последната Фејсбук објава на лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски откако беше обелоденето дека ВМРО-ДПМНЕ ќе собира потписи за задолжителен референдум за уривање на Договорот со Бугарија од 2018 година.
Пренџов појасни дека од пред неколку месеци дека останува во коалиција на државно ниво со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи смета дека „тоа е интерес на граѓаните и државата“.
-Сите политички партии на дневна основа калкулираат, а јас веќе неколку години прокламирам нова политичка култура и вредности, изјави Пренџов.
Пратеникот напомена дека во моментов нема закани од никого.
-Генерално немам притисоци или уцени. Се немаме видено неколку месеци со Јакимовски, бидејќи сме немале седница на Централниот одбор на ГРОМ, рече Пренџов и додаде дека денеска се потпишал на иницијативата за референдум.
Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски смета дека „македонскиот народ ќе испие уште манипулација на Христијан Мицкоски“ преку референдумот.
Тој порача дека Мицкоски „влегува во авантура во која однапред знае дека нема да успее“.
-Да бидеме фер однапред да договориме казна за неуспешниот референдум! Предлагам смрт со бесење за предавникот кој со еден потег ќе ја легитимира оваа нечесна игра за бугаризација на Македонија, напиша Јакимовски пред два дена на социјалните мрежи.