Препирки меѓу Арсовска и Славески околу барањето на приватните превозници

од Nikola Popovski
462 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, реагираше на настанатата состојба во однос на јавниот превоз. Арсовска уште еднаш побара од претседавачот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески да го стави на дневен ред барањето на приватните превозници за поскапување на превозот.

„Бидејќи Трајко Славевски никогаш нема храброст сам да донесе одлука и овој пат ја бара мојата поддршка – ја има. Го охрабрувам Трајко Славевски, бидејќи веќе писмено му одговорив на седницата на Советот, доставувајќи го мислењето од моја страна што тој го побара, точката на приватните превозници да ја стави на дневен ред и заедно со другите советници да ја испитаме и да одлучиме дали ќе го поддржат и прифатат зголемувањето на цената за поминат километар на приватните превозници или не. Биди храбар Трајко“, порача градоначалничката до претседателот на Градскиот совет.

Претходно Славески објави дека предлогот на приватниците превозници е пуштен на мислење до градоначалничката. Тој порача дека сега Арсовска е на потег.

Од Град Скопје завчера порачаа дека денешната седница на Советот е само уште една потврда дека владечката партијата ВМРО-ДПМНЕ и нивните советници немаат намера да го средат хаосот во јавниот сообраќај. Ова следува откако по 26-ти пат не беше изгласан предлогот за набавка на нови еко-автобуси кои се на барање на градската скопска власт.

ЈСП Скопје вчера доби шест еколошки автобуси од Европската унија. Станува збор за едноподни автобуси на компримиран природен гас, со двегодишна гаранција која вклучува сервисирање и резервни делови. Во сообраќај ќе се вклучат на најфреквентните градски линии за околу една недела.

Додека ги чекаме новите да се вклучат во сообраќај, старите ја трошат нафтата од државните резерви. Арсовска вели дека постапката за јавната набавка на гориво е во тек, но, ако нема пријавени, повторно ќе се интервенира од резервите.

Слични содржини