Препораки за пациентите со малигни заболувања и лица од особен ризик поврзани со Ковид-19

од Берта Китинска
266 прегледи

Пациентите кои страдаат од онколошки или хематолошки заболувања, како и други болести поврзани со имуносупресија (на пр. вроден недостаток на имуниот систем, трансплантација на органи или хематопоетски матични клетки, автоимуни болести кај кои е неопходен имуносупресивен третман), се особено изложени на ризик поврзан со инфекции предизвикани од респираторни вируси, како што е грипот. Ризикот од хоспитализација на лица со карцином како резултат на САРС-КоВ-2 вирусот е поголем отколку кај лица со споредлива возраст.

Иако податоците во моментов се многу ограничени, ова говори дека пациентите со онколошки или онко-хематолошки заболувања се изложени на многу поголем ризик од заразување и развивање на инфекцијата, па заради тоа се подложни на построги превентивни мерки и препораки за заштита.

Според клиничките и биолошки знаења од онколошкото и хематолошкото поле, како и врз искуството за други заразни заболувања, создадени се препораки за оваа група пациенти за намалување на ризикот за инфицирање со САРС-КоВ-2 вирусот.

Бидејќи во моментов нема конкретни вакцини или антивирусни лекови против инфекција со вирусот САРС-КоВ-2, дефинирани се препораки што важат за сите пациенти и се темелат на засилена хигиена и рестрикција на контакти. Хигиената и честото миење раце како и избегнување на допирање на лицето се основните препораки како и избегнување посети во домот на пациентот од страна на семејството или пријатели, без разлика дали имаат респираторни симптоми. Основно е да се избегнуваат, кога е можно, места каде има повеќе луѓе. Надвор од дома, а особено при посети на болница за терапија или третмани, неопходно е да се носи маска за еднократна употреба која треба да ги покрива устата и носот и не смее да се допира со рацете откако ќе се намести.
Клиниката за онкологија ги спроведува сите неопходни и препорачани мерки за заштита од ширење на инфекцијата со вирусот со цел пациентите да може навремено и безбедно да ја примаат терапијата. Пациентите кои примаат зрачна, хемо или биолошка терапија не смеат никако сами да го прекинуваат третманот, туку мора да се консултираат со својот онколог дали има потреба од модификација на терапијата и како е најдобро истото да се спроведе.

Една од препораките е доколку е соодветно, да се одложи рутинската контрола во договор со онкологот кај оние пациенти кај кои терапијата е веќе завршена, а со цел да се ограничи посетеноста на здравствените установи кога не е неопходно и со тоа да се ограничи ризикот од изложеност на САРС-КоВ-2.
Во клинички услови се препорачува да се поделат онколошките и онко-хематолошките пациенти во групи, и тоа пациенти кои го завршиле терапевтскиот дел односно пациенти кои не се на терапија, а одделно оние пациентите кои сè уште се лекуваат, потоа во посебна група пациентите на цитостатичен и зрачен третман, кои се со поголем ризик од заразни компликации а издвоени треба да се и пациентите на третман со имунотерапија. Пациентите кои биле подложени на операција за карцином, исто така, можат да бидат изложени на зголемен ризик од КОВИД-19, па треба да ги спроведуваат сите мерки за самозаштита.

Исто така, со цел поголема заштита Министерството за здравство ќе ја дистрибуира терапијата за пациентите за дел од онколошките заболувања, во регионалните онколошки центри. Така, пациентите за кои е возможно терапијата да ја примаат во локалните центри, нема да мораат да доаѓаат во Клиниката за онкологија за да примат терапија, туку тоа ќе можат да го сторат во најблиската болница. Потребно е само, претходно да се консултираат со својот онколог во однос на точниот термин и локацијата, центарот каде ќе може да ја примат терапијата. Дисперзијата на дел од онколошката терапија е направена со цел поголема заштита на пациентите и да се намали ризикот од нивно изложување на вирусот.
И покрај зголемениот ризик од инфекции кај онколошките пациенти кои се на третман за својата болест, сепак основно е да знаат дека треба пред се редовно да ја примаат својата терапија, треба самите себе да се заштитат со тоа што сите контакти поврзани со својата болест или терапијата да ги сведат неопходен минимум и ќе бидат во постојана консултација со својот доктор за да ги дознаат навреме сите информации и новости.

Слични содржини