Потрошувачката на големи количини преработена храна значително го зголемува ризикот од рак на дебелото црево кај мажите и може да доведе до срцеви заболувања и рана смрт и кај мажите и кај жените, покажуваат две нови големи студии спроведени во САД и Италија.
Преработената храна вклучува претходно спакувани супи, сосови, замрзната пица, готови оброци и храна како виршли, колбаси, помфрит, газирани пијалоци, колачиња и колачи купени во продавница, бонбони, крофни, сладолед и друго.
„Буквално стотици студии ја поврзаа преработената храна со дебелината, ракот, кардиоваскуларните болести и раната смртност“, вели нутриционистот Марион Нестле од Универзитетот во Њујорк, пренесе Си-Ен-Ен.
Поголем ризик од рак
Студијата „Association of ultra-processed food consumption with colorectal cancer risk among men and women: results from three prospective US cohort studies“, спроведени во САД, ја испитуваа исхраната на повеќе од 200.000 мажи и жени до 28-годишна возраст и откриле врска помеѓу преработената храна и ракот на дебелото црево. Сепак, оваа врска беше забележана само кај машки субјекти, а не и кај жени.
Преработено месо; како што се шунка, сланина, салама, виршли и говедско месо, долго време е поврзано со поголем ризик од рак на дебелото црево и кај мажите и кај жените. Сепак, новото истражување покажа дека на можниот развој на оваа болест до одреден степен влијаат сите видови ултра-обработена храна.
„Откривме дека мажите кои консумираат најмногу преработена храна имаат 29% поголем ризик од развој на колоректален карцином во споредба со оние кои јаделе најмалку“, вели експертот за рак, Фанг Фанг Џанг од Универзитетот Тафтс во Бостон.
Помал проблем за жените
Но, зошто новата студија не го покажа истото зголемување на ризикот кај жените?
„Засега не ги знаеме целосно причините за таквата полова разлика, но можеби дебелината, половите хормони и метаболичките хормони играат различна улога кај мажите во споредба со жените“, рече Џанг.
„Можно е жените да избираат „поздрава“ ултра-обработена храна“, вели гастроентерологот Робин Менделсон од Центарот за рак Меморијал Слоун-Кетеринг во Њујорк.
Студијата дури покажа дека зголемената потрошувачка на преработена млечна храна, како што е јогуртот, е поврзана со помал ризик од рак на дебелото црево кај жените, рече Џанг.
„Некои преработени намирници се поздрави, како што се храни од цели зрна со малку или без додаден шеќер, и јогурт и млечни производи“, објасни таа.
„Жените имале поголем ризик од рак на дебелото црево ако консумираат повеќе готови или подгреани оброци како пица. Сепак, мажите имале поголем ризик ако јаделе многу месо, живина или готови морски плодови и слатки пијалоци”, додава таа.
Асоцијација со рана смртност
Во студијата „Joint association of food nutritional profile by Nutri-Score front-of-pack label and ultra-processed food intake with mortality: Moli-sani prospective cohort study“, научниците следеа повеќе од 22.000 луѓе во регионот Молизе во Италија десет години . Анализата објавена во списанието BMJ ја спореди улогата на храната сиромашна со хранливи материи, како што е храната богата со шеќер и заситени масти, наспроти преработената храна во развојот на хронични болести и рана смрт.
Експертите откриле дека двата вида на исхрана независно го зголемуваат ризикот од рана смрт, особено од кардиоваскуларни болести. Меѓутоа, кога истражувачите ги анализирале двата вида храна за да видат која најмногу придонесува, откриле дека ултра-обработената храна е најважна во дефинирањето на ризикот од смртност.
Зошто преработената храна е нездрава?
Зошто ултра-обработената храна е толку лоша за нас?
„Прво, ова се индустриски подготвени за јадење или загреани формулации кои се направени од состојки извлечени од храна или синтетизирани во лаборатории, со малку или без сирови состојки“, рече Џанг.
Таквата преработена храна често е богата со додадени шеќери и сол, ниска содржина на диетални влакна и полна со хемиски адитиви; како што се вештачки бои, вкусови или стабилизатори.
„Иако некои преработени намирници можеби се поздрави, сепак препорачуваме целосно да се држите подалеку од ултра-обработена храна и да се фокусирате на здрава и непреработена храна, како што се овошјето, зеленчукот, мешунките“, вели Менделсон.
Во 2019 година, Националниот институт за здравје на САД (NIH) ги објави резултатите од контролираното клиничко испитување кое ги споредуваше преработената и непреработената храна. Научниците откриле дека оние кои биле на ултра-обработена диета јаделе побрзо и внесувале 500 калории повеќе дневно од луѓето кои јаделе необработена храна.
„Очигледно има нешто во врска со ултра-обработената храна што ги тера луѓето да јадат повеќе од нив. Ефектите од преработената храна се прилично јасни, но причините зад нив не се. Би било убаво да се знае зошто се случува ова, но додека не дознаеме, најдобро е да се јаде ултра-обработена храна во мали количини.“ – вели Нестле.