„Преродба“ бара бугарското МНР да го повика германскиот амбасадор на консултации поради поддршката на Шолц за Македонија

од Nikola Popovski
440 прегледи

Контроверзната бугарска партија Преродба во декларација преку тамошното Собрание побара министерката за надворешни работи и вицепремиерка, Марија Габриел веднаш да го повика на консултации германскиот амбасадор во Софија. Поводот, како што велат од партијата на Костадин Костадинов, бил говорот на германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција во Берлин со премиерот Димитар Ковачевски.

Пратеникот од редовите на Преродба, Ангел Георгиев изјавил дека Шолц грубо влијаел на бугарските односи со Македонија. Георгиев ги дефинирал постапките на Габриел како пасивни.

„Редно е да ѝ се објасни на германската страна од страна на Министерството за надворешни работи дека за нас темата „Македонија“ е толку важна и болна што секое мешање во неа е способно да го загрози и наштети бугарско-германските односи. Лошите факти мора да ѝ станат познати на германската држава, а тоа е дека во Република Северна Македонија се пука кон бугарски клубови, се палат, се фрлаат камења и намерно се создава ретроактивен, дискриминаторски закон против нив“, рекол пратеникот, пренесуваат бугарските медиуми.

Шолц пред два дена порача дека лично гарантира дека нема да има нови бугарски услови на патот на нашата земја кон ЕУ. Месецов германскиот парламент донесе резолуција за поддршка на европскиот пат на Македонија, преку недвосмислена потврда и признавање на македонската култура, идентитет и јазик.

Слични содржини