Преродба на Костадинов бара од бугарското МНР да реагира поради судењето против Георгиевски и сега веќе избришаниот клуб „Иван Михајлов“

од Nikola Popovski
162 прегледи

Во декларација на бугарската десничарска партија Преродба се бара итна реакција од Министерството за надворешни работи и бугарската држава во случајот против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на бугарски клуб „Иван Михајлов“ во Битола. Декларацијата ја презентирал лидерот на Преродба, контроверзниот Костадин Костадинов на почетокот на денешната пленарна седница во бугарското Собрание.

Во декларацијата се наведува дека ова е едно од многуте „политички судења против Бугари“ во Македонија.

-Инсистираме бугарската држава итно, денес до крајот на денот, да преземе итни мерки во врска со овој процес, рекол Костадинов.

Според неговите зборови, овој процес е лакмус тест за ставот на Македонија кон Бугарија во иднина.

-Вчера очекувавме да има претставник на бугарската држава во овој процес, кажал Костадинов.

-По судењето или за време на судењето, очекувавме Министерството за надворешни работи да издаде соопштение со кое ќе ја осуди оваа политичка репресија против бугарските граѓани. Ништо слично не се случи туку само срамно се молчи, посочил Костадинов од говорницата во бугарското Собрание.

Вчера, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски сведочеше во случајот во претседателот на сега веќе избришаниот бугарски клуб „Иван Михајлов“. Во својот говор, Костадинов посочи дека Георгиевски отишол да го брани својот сограѓанин и имењак, но обвинителот одбил да го прими како сведок, тврдејќи дека тој не е историчар.

-Да речеме кое е обвинението против Љубчо Георгиевски, претседател на Културниот клуб „Иван Михајлов“: Обвинението е дека цитирал зборови од Иван Михајлов, водач на ВМРО. Во обвинението се наведува дека не само што цитирал зборови од Иван Михајлов, туку постои и отежнувачка околност – ја цитирал на литературен бугарски јазик, вели Костадинов.

-Нашата извршна власт не направи ништо за да ги заштити бугарските интереси и бугарската заедница во Република Северна Македонија, додал Костадинов, осврнувајќи се на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент.

-Доколку бугарското Министерство за надворешни работи не реагира денес, ние од Преродба ќе испратиме писмо до земјите-членки на ЕУ, барајќи од нив јавно да го искажат својот став за овој случај. Ќе испратиме писмо до сите официјални институции во ЕУ, но ефектот ќе биде различен ако ова го направи бугарската држава, а не некоја од партиите во парламентот, смета Костадинов.

Ѓоргиевски како претседател на бугарскиот клуб, се суди за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола, а судскиот процес од 2023 се одржува во Основниот суд во Битола.

Клубот „Ванчо Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар во март 2023 година откако Министерството за правда одлучи дека името на клубот ги повредува националните чувства на Македонците, поради соработката на Михајлов со фашистичкиот окупатор. Од Централен регистар тогаш рекоа дека клубот не го усогласил името со измените во Законот за здруженија и фондации.

Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Претходно, бугарскиот клуб најави дека правдата ќе ја бара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Слични содржини