„Преспа се буди: Симболично чистење и голема кампања за чиста природа!“

од Марта Пешевска
12 прегледи

Со симболично чистење на диви депонии во Преспа денеска започна кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која има за цел да ги подигне свеста и одговорноста на локалното население за правилно ракување со отпадот.

Регионалната депонија и управувањето со отпад во Преспа се проблеми што траат со години. Несортираниот отпад, дивите депонии и загадувањето на почвата и Преспанското Езеро сериозно влијаат на животната средина. Кампањата е насочена кон едукација и вклучување на граѓаните, земјоделците, локалните власти, бизнисите и училиштата за подобрување на овие состојби.

„Ќе организираме чистење на 30 локации и ќе ги информираме граѓаните за селектирање, компостирање и правилно одлагање на отпадот. Апелирам до сите да престанат да фрлаат ѓубре, а депонијата е бесплатна за користење“, рече градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Кампањата ја реализира Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво во Ресен. Целта е да се зголеми информираноста за одделното собирање и правилно отстранување на отпадот, како и да се намалат негативните ефекти од неговото неправилно управување.

„Проблемите во регионот се предизвикани од ниската еколошка свест, недостатокот на опрема и неефикасното собирање на отпадот. Со кампањата сакаме да ја промениме свеста и навиките на граѓаните и да ги поттикнеме да станат дел од решението“, објасни Дејан Андонов од ИКС.

Во рамките на кампањата ќе се работи и на решавање на специфични проблеми како што се недостигот од контејнери во руралните средини, непостоењето систем за компостирање и загадувањето на водите и почвата од агрохемиски препарати.

„Нашата цел е да ја зачуваме природната убавина и здравјето на луѓето во Преспа. Кампањата е повик до сите – граѓани, институции, ученици и земјоделци – да придонесеме за почиста иднина“, рече Марија Ефтимовска од Еко герила Преспа.

Во првата акција се вклучија млади активисти и волонтери, кои заедно со механизацијата на ЈКП „Пролетер“ чистеа диви депонии во близина на селото Царев Двор, познато како место за нелегално фрлање отпад.

Директорот на „Пролетер“, Марсел Русу, најави дека претпријатието ќе вложи напори за подобрување на услугите и подобра опременост. „Со новите камиони, обезбедени преку проект финансиран од ЕУ, ќе почнеме собирање отпад и на места каде досега тоа не беше возможно“, изјави Русу.

Кампањата ќе трае неколку месеци и ќе вклучува едукативни работилници, јавни дискусии, активности во училиштата и медиумски кампањи, со цел да се поттикнат позитивни промени во управувањето со отпадот во регионот Преспа. Проектот е поддржан од Европската Унија.

Слични содржини