Францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ објави карикатура на Господ, прикажувајќи го во полициска „марица“ која го носи во затвор, на насловната страница на денешниот број, кога се очекува пресуда за осомничените за логистичка поддршка во нападите врз редакцијата на весникот во 2015 година.
Автор на карикатурата на насловната страница е Франсоа Бак, кого магазинот, заедно со писателот Јаник Енел, го задолжи да го следи судењето кое започна пред повеќе од три месеци, пренесуваат француските медиуми.
На карикатурата, на „марицата“ со која Господ се спроведува во затвор пишува „Господ повторно ставен на своето место“.
Dieu remis à sa place !
Retrouvez :
👉 Le making of des récits du procès des attentats de janvier 2015
👉 Dieu, délivre-nous du laïcard !
👉 Charlie : la partie émergée de l'icebergEn vente demain ! pic.twitter.com/Dy7PAHVmxa
— Charlie Hebdo (@Charlie_Hebdo_) December 15, 2020
Пресудата за 14 лица обвинети за логистичка поддршка во нападот „конечно ќе го затвори кругот на насилство што започна во просториите на Шарли ебдо“, пишува во едиторијалот Рис, главен уредник на сатиричниот неделник, кој беше мета на џихадистите во 2015 година поради карикатура на пророкот Мухамед.
„Кругот ќе биде затворен, барем што се однесува до казната, затоа што, човечки гледано, последиците никогаш нема да исчезнат, како што покажаа сведочењата на жртвите за време на судењето“, додаде Рис.
Утрото на 7 јануари 2015 година, двајца вооружени напаѓачи упаднаа во просториите на „Шарли ебдо“ во Париз и убија 12, а ранија 11 лица.
Потрагата по двајцата осомничени траеше уште три дена, додека по неколкучасовна опсада на печатница во предградие на Париз, браќата Шериф и Саид Куаши не беа ликвидирани.