Барселона во наредните денови ќе му понуди нов договор на напаѓачот Мемфис Депај. До неодамна се мислеше дека Холанѓанецот ќе биде продаден ова лето, но се чини дека дошло до пресврт и газдите се подготвени да го задржат на „Камп Ноу“, пренесе „Спорт“.
Депај пристигна во клубот минатото лето како слободен играч, одбивајќи многу понуди од други клубови, бидејќи неговата желба беше да го облече дресот во Барса. На почетокот на сезоната беше солиден стартер, но по доаѓањето на Чави Ернандез ја загуби позицијата во тимот.
На крајот од сезоната, сепак, тој повторно имаше доста добри настапи и се чини дека токму со нив ја убеди управата да го задржи подолго.
Новиот договор на Депај ќе зависи и од одлуките на Генералното собрание на клубот. Доколку му се доделат дополнителни средства, газдите ќе седнат на преговарачка маса со напаѓачот.
Во својата прва сезона во Барса, Депај забележа 38 натпревари, 13 гола и 2 асистенции. Неговиот актуелен договор е до 30 јуни 2023 година.