Иако Ливерпул е блиску до освојување на Премиер лигата, клубот продолжува да работи на засилување на тимот за следната сезона. Тие планови секако ги вклучуваат Вирџил ван Дајк и Мохамед Салах, чии договори истекуваат следното лето.
Сепак, кај „црвените“ постои оптимизам дека и двајцата ќе ги продолжат договорите. Според „Атлетик“, Ливерпул верува дека и Холанѓанецот и Египќанецот ќе потпишат нови договори пред летото. Доколку се постигне договор, тие ќе парафираат двегодишни договори, односно до летото 2027 година.
Клубот од Мерсисајд размислува и за договорот на Трент Александер-Арнолд, кој исто така истекува следното лето, но неговата ситуација е покомплицирана. Причината е интересот на Реал Мадрид, а англискиот десен бек наводно е позитивен на можноста да заигра за Кралскиот клуб.
Англискиот бек оваа сезона има три гола и седум асистенции во сите натпреварувања, додека Ван Дајк постигна три гола и имаше една асистенција. Што се однесува до Салах, Египјанецот има 32 гола и 22 асистенции во сите натпреварувања, а е водечки стрелец и асистенции во Премиер лигата.