Раководството на Австралија опен до неодамна велеше дека на тој турнир можат да играат само вакцинирани играчи. Сепак, сега директорот Крег Тајли изјави дека ќе постои можност некои тенисери да добијат медицинско ослободување.
Играчите кои сакаат да играат во Австралија без да бидат вакцинирани против коронавирус, ќе можат да го претстават својот случај пред комисија која ќе вклучува тројца независни експерти. Тие ќе бидат доктори по имунологија, општа пракса и заразни болести. Комисијата ќе биде формирана од Министерството за здравство на Викторија.
„Ние тесно соработуваме со владата на Викторија за да воспоставиме фер и независни протоколи за медицинско изземање, а тоа ќе ни овозможи да имаме Австралија Опен во кој сите ќе уживаат. Процесот ќе го водат независни експерти и ќе се разгледува случајот на секој играч“, изјави Тајли.
Ова ја менува ситуацијата, можеби, за Новак Ѓоковиќ. Тој беше пријавен за Австралија опен, а воопшто не се знае дали е вакциниран против корона вирусот. Во случај да не може, би можел да го претстави својот случај пред независна комисија, која би можела да му овозможи да игра во АТП Купот и Австралија Опен. Можно е организаторите на првиот Гренд слем сезонава да се под голем притисок и дека мора да дозволат невакцинирани играчи да играат на турнирот.