Истражителите размислуваат дали потонувањето на луксузната јахта „Bayesian“ се квалификува како „убиство од небрежност“ додека се обидуваат да откријат што ја предизвикало бродската несреќа, во која загинаа седум лица.
Говорејќи на прес-конференција во саботата, обвинителот Амброџо Картозио рече дека „однесување што не е во согласност со ситуацијата“ може да стои зад смртта на брегот на Сицилија.
Британскиот технолошки тајкун Мајк Линч (59) е меѓу седумтемина загинати откако суперјахтата потона во раните утрински часови во понеделникот.
Други жртви се претседателот на „Морган Стенли“ Џонатан Блумер, неговата сопруга Џуди, американскиот адвокат Крис Морвило, неговата сопруга Неда и готвачот Рекладо Томас.
Телото на Хана Линч, 18-годишната ќерка на британскиот тајкун, беше пронајдено во петокот. Нејзината мајка ја преживеала катастрофата.
Се верува дека семејството го организирало патувањето за да го прослави крајот на правните проблеми на Линч.