Претепаниот копретседател на бугарскиот клуб „Шемето“ се враќа во Струга, нема да остане во Софија

од Nikola Popovski
506 прегледи

Претепаниот копретседател на бугарскиот клуб „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески е во добра здравствена состојба и ќе се врати во Струга. Ова го објави контроверзниот претседател на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов.

-Бекир Кадриески е добро и наскоро ќе се врати во Северна Македонија за да ја продолжи борбата за човековите права на Бугарите во Македонија, објави Стојанов на Фејсбук.

Тој потоа додал дека „нема обвинение на напаѓачот на Кадриески и дека е на слобода“.

-Ова е земјата Северна Македонија. Нема да има фер истрага, како што побара бугарското Министерство за надворешни работи, порачал Стојанов, објавувајќи заедничка фотографија со Кадриески.

Кадриески по сопствена желба бил во Бугарија за да се лекува, по што беше прегледан во Воената-медицинска академија во Софија. Тој беше нападнат на 13 јуни во Струга, а како што изјавил во полиција, неговите напаѓачи почнале да го навредуваат и го удирале во стомакот.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски веќе соопшти дека напаѓачот на Кадриески е идентификуван и приведен. МВР случајот го утврди како „нарушување на јавниот ред и мир“.

„На 13.06.2023 година во 12.15 часот во ОВР Струга било пријавено дека во близина на спортска сала лоцирана на улица „Боро Хаџиески“ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и спокој со физички напад врз Б.К од село Лабуништа. Се преземаат мерки за расветлување на околностите на случајот, по што СВР Струга ќе издаде соодветна пријава“, се вели во соопштението на македонското МВР.

Самиот Кадриески вели дека немал блиски односи со напаѓачот, додека приведениот тврди дека двајцата имале нерасчистени сметки од претходно.

Кадриески е државјанин на Македонија. Тој нема бугарски пасош, но тврди дека има бугарски идентитет.

Случајот со него потсетува на инцидентот со претседателот на згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Пендиков беше претепан на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид, по што со бугарски владин авион експресно беше пренесен на лекување во Софија.

Освен што се лекуваше во соседната држава, бугарските власти му обезбедија стан и лично обезбедување, а неколку месеци подоцна доби бугарско државјанство, кое лично му го врачи бугарската потпретседателка Илијана Јотова.

Слични содржини