Повторно најдени мобилни телефони меѓу осуденици, овој пат од затворот „Идризово“. Оттаму синоќа во 20.00 часот во СВР Скопје пријавиле дека на влез во установата, при претрес кај осудениците Н.А., Х.A., Л.И. и Ј.П. биле пронајдени пари, марихуана и мобилни телефони.
Ова се случило при извршен преглед во возилото со кое пристигнале овие осуденици.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов пред неколку дена информира дека интервентна единица повторно пронашла мобилни телефони во ќелиите во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари. Биле најдени 35 телефони. Во текот на вчерашниот ден, во полуотвореното и отвореното одделение на затворот повторно биле пронајдени околу 30 телефони меѓу затворениците.
Според Пандов, тоа се бројки кои загрижуваат. Имало контрола и во затворот во Струмица, каде што има 100 затвореници, при што биле пронајдени само 3 мобилни телефони.
-Сите затворски полицајци со валкани значки, ќе се најдат зад решетки, рече Пандов.
На почетокот на овој месец, Управата изврши претреси во „Шутка“ каде пронајде мобилни телефони и кај возачот Васил Јованов и кај други притвореници. За телефонот на Јованов реагираше и СДСМ, а семејството на починатата Фросина Кулакова побара од секторот за внатрешна контрола во МВР да го пронајдат лицето што го снабдил со телефон Јованов. Веднаш по претресот тој е сместен во самица.