Министерството за внатрешни работи објави детали од акцијата што денес ја спроведе во затворот „Идризово“.
Оттука велат дека претресите во ќелиите биле си цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици кои се на издржување казна затвор, како резултат на зајакната меѓуинституционална соработка, во насока на превентивно делување и спречување на вршење на кривични дела во казнено-поправните установи.
„Извршени се претреси во вкупно 25 ќелии во различни одделенија во КПУ Идризово. При претресите пронајдени се: поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат во различни валути и апоени, 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба и таблетки и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривични дела“, изјави портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
Дел од пронајдените предмети се одземени за понатамошна постапка од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, додека останатите предмети се предадени на затворска служба за понатамошна постапка.