Претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен, патува во САД во среда, а главна цел на нејзиното патување ќе бидат Гватемала и Белизе, со кои сака да ги зајакне билатералните врски откако Тајпеј минатата недела загуби еден од своите ретки сојузници, кој се сврте кон соработка со Пекинг.
„Надворешниот притисок нема да ја намали нашата одлучност да бидеме активни на меѓународната сцена“, им рече Цаи на новинарите на аеродромот пред да замине од Тајван.
„Ние сме мирни и одлучни. Нема да попуштиме и нема да провоцираме“, додаде таа.
Белизе и Гватемала се меѓу 13-те земји кои официјално го признаа Тајван, на големо жалење на Пекинг, бидејќи Хондурас воспостави дипломатски врски со Кина во неделата.
Кина го смета автономниот остров за дел од својата национална територија и сака да го окупира со сила, доколку е потребно. Во име на принципот „една Кина“, ниту една земја не треба да одржува официјални врски со Пекинг и Тајпеј во исто време.
Канцеларијата за прашања на Тајван во Пекинг денеска го нарече патувањето на Цаи во САД „провокација“.
„Т.н. запирање на лидерката на Тајван (во САД) на нејзиното патување е всушност провокација со која тие сакаат да добијат независност со помош на САД“, рече портпаролката Жу Фенглијан.
„Нема апсолутно никаква причина Кина да го користи ова како изговор за претерана реакција или за зголемен притисок врз Тајван“, изјави за новинарите во средата висок функционер на американската влада, кој сакаше да остане анонимен.