Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, нема да се појави во Судскиот совет, каде што е повикана поради пишувањата во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите, a причината ќе ја образложи преку соопштение.
Информира дека денеска во овој предизвештаен период, веќе има закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење” на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци.
Вели дека за неа како како претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Република Северна Македонија, да ги оствари и заштити целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото.
Претходно, Судскиот совет објави дека се загрижени поради обвинувањата за притисоци на највисоките судии во државата.
-Во последните неколку дена во медиумите се објавени повеќе написи за политички притисоци врз судиите на Врховниот суд, реакции на политички партии, како и интервјуто на претседателката на овој суд, Беса Адеми, сметаме дека е неопходно да ја информираме јавноста дека евентуалното вршење на притисоци од каков било вид судиите, е недозволиво и крајно загрижувачко, истакнаа од Судскиот совет.
Работна средба е акажана денеска во 11 часот во просториите на Судскиот совет.