Претседателот на бразилската фудбалска федерација суспендиран поради сексуално малтретирање на вработена

од Vladimir Zorba

Највисокиот бразилски фудбалски функционер, претседателот на Федерацијата на таа земја, Рожерио Кабокло (48), беше суспендиран на 30 дена поради обвинувањата на една од вработените жени дека сексуално ја малтретирал и дека трпела мобинг под него, пренесуваат странски медиуми.

Овој скандал се случува само една недела пред почетокот на Копа Америка, која Бразил ја презеде во последен момент да ја организира наместо Аргентина и Колумбија.

Кабокло беше суспендиран од сите функции од страна на Етичката комисија во рамките на ФФ Бразил по разгледувањето на случајот и обвинувањата против него.

Според наводите од обвинението, првиот човек на бразилскиот фудбал наводно неколку месеци сексуално и психолошки ја малтретирал предметната жена. Тој ги негираше сите овие обвинувања, но сепак беше суспендиран додека трае истрагата и додека не се утврди вистината.

Дури и пред овој скандал, претседателот на федерацијата беше на удар на јавноста затоа што ја прифати организацијата Копа Америка, иако Бразил е една од земјите најпогодени од пандемијата на коронавирусот.

Дури и градоначалникот на Рио се побуни и рече дека ќе ги откаже натпреварите доколку е потребно затоа што оваа држава и градот Рио сè уште се борат против пандемија. Првиот од вкупно осумте натпревари на Копа во тој град ќе се одигра во Рио на 14 јуни – помеѓу Чиле и Аргентина.

Слични содржини