Позицијата на Бугарија е прием на Северна Македонија во ЕУ, без алтернатива. Ова го истакнал претседателот на бугарското Народно собрание, Росен Жељазков, на заедничкиот брифинг со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Веруваме дека ќе надвладее разумот и политичката волја и оваа година ќе имаме можност да се восхитуваме на почетокот на преговорите на РСМ со ЕУ. За нас е исклучително важно РСМ и Албанија да одат заедно на овој пат“, рече претседателот на Бугарското собрание.
Жељазков потсетил дека вистинскиот почеток на преговорите со ЕУ оди преку измените во Уставот и вклучувањето на Бугарите во нашиот основен закон.
„Во оваа смисла, минатата година бугарскиот парламент категорично усвои декларација со која го прифати „францускиот предлог“ и премисата дека некои би ја нарекле историски компромис, но овој компромис е во името на нашите народи и во оваа смисла бугарската позиција не се разликува од ставот што го дели мнозинството во македонскиот парламент“, посочил тој.
Жељазков потсетил дека мора да се заштитат правата на Бугарите и да се прекине со говорот на омраза.
„Разговаравме за реализација на договорот од 2017 година. Напоменавме дека довербата што треба да ја изградиме мора да се спротивстави на јазикот на омразата, а гаранција за тоа е активното почитување на правата на бугарската заедница, и промената во Уставот е дел од овој пат“, рече тој.
Џафери изјави дека ја истакнал важноста на европската перспектива на РСМ за Западен Балкан.
„Со господинот Желјазков разговаравме за подобра соработка меѓу Парламентите на двете земји со акцент на европските прашања – на сите нивоа, со теми од заеднички интерес. Наш заеднички интерес е соработката за европски прашања. Ја истакнав важноста на европската перспектива на РСМ, како и на земјите од Западен Балкан. Ова е од големо значење, имајќи ги предвид актуелните геополитички прашања во регионот“, рече Џафери.
Тој потсетл дека се уште нема двотретинско мнозинство во Собранието за да се прифатат измените на Уставот.
Желјазков е во посета на Скопје заедно со министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев. Претходно двајцата се поклонија пред смртните останки на Гоце Делчев.