Претседателот на кошаркарскиот клуб ЦСКА Москва, Андреј Ватутин изјави дека учеството на руските екипи во Евролигата моментално е во доменот на „научна фантастика“.
Клубовите од Русија, вклучувајќи ги ЦСКА, Зенит и Уникс, беа исфрлени од елитното кошаркарско натпреварување поради војната во Украина во сезоната 2021/2022.
„Во моментов учеството на руските тимови во Евролигата е во доменот на научната фантастика. Тоа е чиста фантазија. Дури по завршувањето на војната може да се создадат услови да се разговара на оваа тема. Сите мои колеги во Евролигата се тажни затоа што руските клубови не играат Евролига“, изјави Ватутин за „ТВ Меч“ и додаде:
„Ќе продолжиме да одржуваме контакт со Евролигата како акционери на таа организација. Во постојана комуникација сме, многу ни е важно да се вратиме штом се создадат условите“, заклучи првиот човек на московскиот тим.