Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа денеска потпиша извршна уредба со која се прогласува дека во таа земја е во тек внатрешен вооружен конфликт.
Тој изјави дека означил голем број организирани криминални групи како терористички организации, додавајќи дека им наредил на вооружените сили да спроведат воени операции за неутрализирање на овие групи.
Нобоа го потпиша указот по денешниот упад на вооружена група напаѓачи во зградата на телевизијата ТЦ во градот Гвајахил.
Еквадорската полиција денеска соопшти дека ги евакуирала вработените од зградата на ТВ ТЦ , откако вооружени лица со качулки упаднале во телевизијата.
Напаѓачите влегле во студиото за време на директен ТВ пренос и ги принудиле вработените да легнат на подот, додека во позадина се слушале истрели и викање.
Инцидентот се случи еден ден откако претседателот Нобоа прогласи вонредна состојба по бегството од затвор на водачот на озлогласената криминална група, пренесе Ројтерс.
По прогласувањето на вонредна состојба, најмалку седум полицајци беа киднапирани, а низ Еквадор се случија серија експлозии.