Претседателот на Европскиот совет в петок во Скопје

од Aleksandar Petrovski
359 прегледи

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел в петок ќе допатува во посета на Северна Македонија, потврдија за МИА високи дипломатски извори од Брисел. Тој во Скопје ќе допатува од Тирана, каде што исто така ќе оствари средби со албански претставници.

Мишел ќе оствари средби со високи претставници на земјава, на кои се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес во земјава.

Претседателот на Европскиот совет, пред околу еден месец во интервју за неколку европски весници, оцени дека до мај, кога ќе биде одржан Самитот ЕУ-Балкан во Загреб, треба да биде јасно како ќе изгледа реформата на ЕУ и дали тоа би било формален услов за согласност за Унијата да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Посетата на првиот човек на Европскиот совет, доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска рече дека Хрватска на Самитот во Загреб во мај годинава ќе посвети особено внимание на деблокирање на почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Како што минатата недела изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овие шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК до крајот на месецот се очекува да излезе со новата методологија за проширување.

Слични содржини