Претседателот на Израел смета дека обвинувањата за геноцид се „страшни и бесмислени“

од Stefanija Kuzmanovska
258 прегледи

Израелскиот претседател Исак Херцог рече дека нема ништо „пострашно и побесмислено“ од тужбата против Израел дека извршил „геноцидни дејствија“ врз Палестинците во војната во Газа, поднесена до Меѓународниот суд на правдата.

Херцог на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја критикуваше Јужноафриканската Република за поднесување тужба до судот, во која првото рочиште беше закажано за четврток, и му се заблагодари на Вашингтон за поддршката, пренесоа агенциите.

Повеќе од 23.000 Палестинци се убиени во израелските воени операции во последните 13 и пол недели од почетокот на војната на 7 октомври, а 85 отсто од жителите на Газа беа раселени од своите домови по наредба на израелската војска.

Независни експерти проценуваат дека околу 40 отсто од становите во Газа се веќе оштетени или уништени од израелските напади.

Херцог на состанокот со Блинкен изјавил дека Израел мора да победи „бидејќи тоа е војна што влијае на меѓународните вредности и на вредностите на светот“.

Војната започна по ненадејниот напад на палестинските екстремисти предводени од Хамас на југот на Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 240 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.

Оттогаш се ослободени само околу 100 лица.

Слични содржини