Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ги обвини американските санкции, кои беа заострени во последните години, за економските проблеми во неговата земја, како што се недостигот на лекови и прекинот на електричната енергија, што предизвика невообичаени протести во изминатиот викенд.
Во телевизиско обраќање до нацијата, претседателот уште еднаш го бранеше правото на народот да го брани сопствениот систем, пренесува Ројтерс.
Илјадници Кубанци излегоа на улиците низ целата земја во неделата и побараа оставка од претседателот Дијаз-Канел, извикувајќи „слобода“, што Ројтерс го опиша како „најголемите антивладини протести во комунистичката земја во последните неколку децении“.
Протестите избувнаа поради најтешката економска криза од распадот на Советскиот Сојуз, поранешен сојузник на Куба, но исто така и рекорден број на заразени луѓе со коронавирус. Луѓето го креваат својот глас и поради недостигот на храна, кршење на граѓанските слободи и начинот на кој владата се справува со пандемијата, наведува британската агенција.
Фото: @Gbastidas