Претседателот на ПСЖ: Мора да бидеме реални, градиме нов тим

од Vladimir Zorba
194 прегледи

Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Хелаифи, изјави дека очекувањата за тимот оваа сезона не се толку големи бидејќи се гради нов тим базиран на млади играчи. Парижаните водат убедливо во првенството и се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите, но нивните шанси во најпрестижниот клупски турнир не се дефинирани како големи.

„Лигата на шампионите е долга приказна. На почетокот на сезоната кажавме дека сакаме да изградиме тим за иднината, тим кој ќе игра заедно во следните шест до осум години. Го имаме најмладиот тим во четвртфиналето на Лигата на шампионите, најмладиот тим во топ 10 европски клубови. Ние сме горди на тоа. Многу е добро што следиме стратегија со млади фудбалери, млади француски фудбалери“, коментира Ал-Хелаифи во интервју за „RMC Sport“.

Запрашан за амбициите на тимот во Лигата на шампионите, што е негова голема цел откако го купи клубот, претседателот одговори: „Секако дека сакаме да победиме. Играчите сакаат да победуваат на секој натпревар, но ние мора да бидеме реални. Градиме тим. Повеќето играчи се нови. На нашиот последен натпревар имаше само двајца или тројца играчи кои играа за нас минатата година. Градиме нов тим, што не е лесно“.

„Горд сум на нашиот тренер (Луис Енрике) кој прави фантастична работа во градењето на овој тим. Не се работи само за резултати, туку и за стилот на игра, стратегијата, визијата. Исто така, многу сум горд на нашиот спортски директор (Луис Кампос), кој врши неверојатна работа, како и на играчите“, додаде тој.

Слични содржини