Претседателот на Шри Ланка кој побегна на Малдивите, денеска патува за Сингапур

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, денеска со авион на саудиска авиокомпанија замина за Сингапур, а потоа оди за Џеда во Саудиска Арабија, изјавија за агенцијата АП официјални лица на Малдивите. Во пресрет на нови протести во главниот град Коломбо, војската ја обезбедува зградата на парламентот за да ги спречи демонстрантите да ја окупираат.

Малдивиските власти ја дале информацијата под услов нивниот идентитет да не биде откриен, со образложение дека станува збор за чувствително прашање, наведува американската агенција.

Готабаја Раџапакса, кој вчера побегна на Малдивите, денеска е на пат за Сингапур и се очекува да пристигне таму денеска, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извор од владата на Шри Ланка.

Раџапакса вчера телефонски го информираше претседателот на парламентот Махинда Јапа Абејвардена дека неговата оставка ќе биде испратена подоцна во текот на денот.

Тој потоа побегнал од земјата на Малдивите со сопругата, само неколку часа пред да поднесе оставка, потврдија од воздухопловните сили на земјата, според „Ројтерс“.

По бегството на Раџапакса во моментот на масовните протести поради економската криза на островот, премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинг прогласи вчера вонредна состојба во целата земја и полициски час во некои делови.

Слични содржини