Претседателот на Шри Ланка слета во Сингапур, крајна дестинација – Саудиска Арабија

од Stefanija Kuzmanovska

Авионот со претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, слета денеска во Сингапур, јавува „Ројтерс“ повикувајќи се на податоци од летот.

Раџапакса, кој вчера побегна на Малдивите поради масовните протести поради економската криза во Шри Ланка, замина денеска со саудиска авиокомпанија за Сингапур, а потоа ќе замине за Џеда во Саудиска Арабија, изјавија претходно за АП претставници на Малдивите.

Неименуван владин извор од Шри Ланка претходно изјави за „Ројтерс“ дека Раџапакса може да поднесе оставка до претседателот на парламентот откако ќе слета во Сингапур.

Вчера премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинг прогласи вонредна состојба во целата земја и полициски час во некои области, по бегството на Раџапакса.

Нацијата од 22 милиони луѓе се бори со сериозен девизен недостиг што го ограничи суштинскиот увоз на гориво, храна и лекови, втурнувајќи ја земјата во најголемата економска криза од независноста во 1948 година.

Многумина за ова го обвинуваат претседателот Раџапакса, а од март се водат главно мирни протести.

Незадоволството се влоши во последните недели по затворањето на училиштата и рационирањето на горивото, при што инфлацијата достигна речиси 55 отсто во јуни.

Слични содржини