Сирискиот претседател Башар ал Асад ги обвини западните земји дека ја политизираат хуманитарната криза во Сирија по земјотресот што се случи на 6 февруари.
Асад накратко разговараше со новинарите во уништената населба Машарка во Алепо, при неговата прва посета на областа каде што се случи земјотресот со јачина од 7,8 степени.
„Западот нема хуманост, така што политизацијата во Сирија е нешто што природно би го направиле“, рече сирискиот претседател.
Разорната штета на Алепо, вториот по големина град во Сирија, ги зголемува неволјите на градот разурнат од војна, кој со години е бомбардиран, најмногу од силите на Асад и оние на неговиот сојузник Русија.
За време на денешната посета Асад ја посети и болницата во Алепо, а потоа се сретна со спасувачите кои вчера од урнатините извлекоа седум живи луѓе и телата на 44 мртви.
Тедрос Аданом Гебрејесус, директор на Светската здравствена организација и д-р Мајкл Рајан, шеф за итни случаи на СЗО, исто така, пристигнаа денес во Алепо за да помогнат во координацијата и поддршката на испораката на хуманитарна помош.