Претседателот на Собранието ги осуди скандирањата во Куманово: Да застанеме заедно против омразата!

Навредливите извици и говорот на омраза што се слушнаа таа вечер не го претставуваат духот на спортот, ниту духот на нашите граѓани, а пред сè не ги претставуваат вредностите врз кои е изграденa нашата држава, вели Гаши.

од desk2
127 прегледи Фотографија: Официјална Фејсбук-страница на Африм Гаши

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се приклучи на бранот политички фигури и функционери што го осудија националистичкото скандирање на репрезентативниот кошаркарски натпревар Македонија-Романија во Куманово во саботата, кого неколкумина присутни во спортската сала во Куманово извикуваа навредливи и ксенофобични пораки.

„Кога спортот, кој треба да биде мост на обединување, се претвора во сцена на омраза и поделби, сите треба да застанеме на момент и длабоко да размислиме за тоа што се случува со нашето општество.

Со длабоко чувство на одговорност и голема загриженост, како претседател на Собранието, внимателно го следев јавниот одѕив и реакциите на надлежните институции кои веќе преземаат активности за да го адресираат инцидентот што се случи за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово.

Свесен за чувствителноста на моментот и за важноста секој збор да биде внимателен и обединувачки, денес сакам да им се обратам на сите граѓани на Република Северна Македонија, без разлика на етничка, јазична или политичка припадност.

Навредливите извици и говорот на омраза што се слушнаа таа вечер не го претставуваат духот на спортот, ниту духот на нашите граѓани, а пред сè не ги претставуваат вредностите врз кои е изграденa нашата држава.

Општество што тежнее да биде дел од европското семејство мора да се гради врз основа на почит, достоинство и еднаквост за сите граѓани“, напиша Гаши на својот профил на Фејсбук.

Тој ги повика „сите институции, сите политички партии, сите граѓани, да застанеме заедно против омразата. Да се издигнеме заедно за поправедна, почесна и пообединета иднина. Тоа треба да биде нашиот пат. Тоа е наша должност“, вели Гаши.