Претседателот на веќе избришаниот бугарски клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Љубчо Георгиевски добил нова покана да се појави во Обвинителството во Битола на 27 февруари во врска со кривичната постапка за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална основа и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Георгиевски го објави документот на својата Фејсбук страница, велејќи дека „репресијата врз македонските Бугари не престанува“.
„Државата повторно прибегнува кон заплашување, конструирани обвинувања и конструирани случаи, само за да не замолчи, да не избрише, да не принуди да се откажеме од сопствениот идентитет. Ова е уште еден обид за репресија, уште еден удар врз слободата на изразување, уште еден доказ дека во Македонија се води организирана кампања за прогон на секој што јавно ќе каже дека е македонски Бугарин. Но, грешат ако мислат дека ќе не заплашат со притисоци и кривични предмети. Овде сме родени, овде пораснавме, тука ги воспитуваме нашите деца, овде ќе живееме и овде ќе умреме. Ниту една влада, ниту институција, ниту еден закон донесен за политички цели нема да ни ја згасне борбата“, напишал Георгиевски.
Случајот против Георгиевски започна во јули 2023 година, а следното рочиште е закажано за 27 март.
Клубот „Иван Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар во март 2023 година откако Министерството за правда одлучи дека името на клубот ги повредува националните чувства на Македонците, поради соработката на Ванчо Михајлов со фашистичкиот окупатор. Од Централен регистар тогаш рекоа дека клубот не го усогласил името со измените во Законот за здруженија и фондации.
Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.
Претходно, бугарскиот клуб најави дека правдата ќе ја бара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.