Претседателот Пендаровски во посета на Куманово и општина Липково

од Radmila Tasevska
214 прегледи

Претседателот Пендаровски по повод новогодишните празници денеска го посети Дневниот центар за деца со попреченост „Имаго плус” во село Оризари, општина Липково и одделението за детски болести на ЈЗУ Општа болница – Куманово.

Во Дневниот центар за деца со попреченост „Имаго плус” претседателот Пендаровски се запозна со активностите и со видовите на третман кои таму им се пружаат на 15 деца со попреченост на возраст од 2 до 14 години. Во разговорот со стручните лица во Дневниот центар, односно специјален едукатор, логопед, психолог и физиотерапевт, претседателот Пендаровски беше информиран дека центарот нуди индивидуални третмани, а во попладневните часови се организираат различни активности кои вклучуваат групна терапија, окупациона терапија, арт терапија и активности за поттикнување на нивниот развој.

Дневниот центар за деца со попреченост  “Имаго Плус” функционира од 2020 година како дел од проект за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Министерството за труд и социјална политика, а финансиран од Светска банка и истиот опфаќа услуги за дневен престој, индивидуален третман, рехабилитација, реинтеграција и ресоцијализација на децата со попреченост во заедницата.

Во кумановската Општа болница претседателот Пендаровски го посети одделението за детски болести. Одговорните лица на оваа установа од секундарна здравствена заштита го информираа претседателот Пендаровски за начинот на функционирање и притоа потенцираа дека освен жителите на Куманово, сеопфатна, континуирана и безбедна здравствена заштита добиваат и граѓаните на општините Липково и Старо Нагоричане, како и на помалите соседни општини Крива Паланка, Ранковци и Кратово, со примена на најсовремени медицински  достигнувања со цел брзо и ефикасно лекување на пациентите.

За време на посетата, претседателот ги посети дечињата кои престојуваат на одделението за детски болести и им подели новогодишни пакетчиња посакувајќи им побрзо закрепнување.

Слични содржини