Претседателска кампања: Граѓаните и на „нормалната и на ненормалната Србија”

од Vladimir Zorba
100 прегледи

 Граѓаните сакаат програми за развој

 

 

Кампањата за претседателските избори, така како што почна и како што се интензивира, го покажува грдото лице на Србија.

Граѓаните и на „нормалната и на ненормалната Србија”, за која зборуваат некои кандидати, заслужуваат и со право очекуваат да слушнат нешто сосема друго. Не поделби, не изнесување на „валкани алишта”, не отварање и измислување на афери.

Очекуваат претендентите за претседателската фотелја да станат сериозни, да почнат да ги излагаат своите програми за Србија која е поделена како јаболко на две парчиња. Татковината која ја имаме, да ја доведеме во ред, да се обединиме и да создадеме услови, нејзините граѓани да почнат да живеат живот достоен за човек.

Претседателската кампања е вистинска можност за кандидатите за кои Србија е над партиските, групните и личните интереси, на гласачкото тело јасно да ги презентираат своите програми за кои во рамки на уставните овластувања ќе се борат консензуално да ги дефинираат најважните национални и државни цели.

Верувам дека Србија, ваква каква што е во последните 30 години, со уништена економија, загрозен суверенитет и осиромашени граѓани, без одлагање мора конечно во што покус рок да постигне договор за два најважни стратешки приоритети: Србија економски развиена земја и Србија средена држава.

Со реализација на овие две цели Србија би била во многу поповолна позиција да влијае на решавањето и на други и тоа како значајни прашања како што се на пример преговорите со Приштина и Брисел како „најзначајна безалтернативна цел”.

И токму шефот на државата, како суверен и претставник на сите граѓани, без партиска наклонетост, би бил најповолна личност да го координира собирањето на сите релевантни фактори на општеството со цел консензуално да се постигне тој договор, а за негово остварување би биле задолжени сите фактори на општеството во своите области, во рамки на законската регулатива и конкретните програми.

Верувам дека без одлагање во што покус рок мораме да постигнеме договор за двата најважни стратешки приоритети: Србија економски развиена земја и Србија средена држава.

Српското стопанство со криминалната приватизација во системот на неолибералниот капитализам и во услови на неконтролиран влез на странски капитал, често шпекулативен, ги изгуби сите национални атрибути, со што на подолг рок сериозно е загрозена и безбедноста на земјата. Банкарството, трговијата и индустријата се во предоминантна странска сопственост и како такви се во позиција многу да влијаат на сите три столбови на власта, посебно на извршната, а граѓаните ги доведуваат во позиција на економски робови со мизерни плати.

Во такви услови зависноста од странскиот капитал и диктирањето на ММФ и Светска банка, наместо „позитивна дискриминација” на домашните фирми, што го прават многу развиени земји во светот, инвеститорите се фаворизираат преку добивање на големи финансиски субвенции и други поволности. Не знам ниту една земја во светот која остварила економски развој со предоминантна улога на странскиот капитал, ако не сметаме делумно на Кина која во државната регулатива успеа да ги насочи тековите и делувањето на странскиот фактор.

Инспиративен е примерот на повоената Јапонија која успеа за релативно кратко време да стане втора најразвиена економија во светот, темелејќи ги обновата и развојот на стопанството на домашната сопственост, во услови на организирана и средена држава.

Кога се врати од посетата на Јапонија пред десет години, каде се запознав со нивниот систем на работа, Богољуб Кариќ на своите соработници, во создавањето на својата деловна империја во странство, често им зборуваше: „Што можат Јапонците, можат и Пеќанците”. Под „Пеќанци” мислеше на работните луѓе во Србија, убеден дека и тие ако државата им создаде поволен амбиент, можат со својата работа да ја препородат својата земја.

Кариќ сега во Србија е преполн со идеи и деловен ентузијазам, каде се обидува да влијае на државното раководство да креира таков амбиент, законска регулатива и предвидливост на одржлив развој, со не мали домашни ресурси, компаративна предност во однос на соседството, како и значајни човечки потенцијали и разработени економски програми, со што би биле создадени услови Србија конечно да појде напред со крупни чекори во стопански развој и да се ослободи од понижувачкото четврто место на најнеразвиените економии во Европа.

Верувам дека граѓаните ќе укажат доверба и ќе го дадат својот глас токму на тој кандидат кој ќе успее да се дистанцира од сегашните меѓусебни обвиненија и подметнувања, а да ја насочи својата активност на дефинирање на овие два наведени стратешки приоритети. Со такво насочување ќе се скрати можноста на таблоидите да го валкаат низ кал, а сериозните медиуми ќе бидат во позиција да му дадат позитивна интонација во известувањата. Ако така се постави, ќе излезе чист од „барата каде влегоа многу крокодили”, а на странскиот фактор кој и тоа како е присутен за обезбедување на своите интереси, ќе ги намали шансите да го уценуваат.

Политика – Белград