Нема минимум услови за кредибилни избори, аболицијата мора итно да се повлече, на СЈО да им биде овзоможено до крај да си ја сработат работата, а лидерите итно да најдат излез од политичката криза.
Ова е сублиматот од пораките на ЕУ што холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс, им го напиша во писмо на лидерите потписнички на договорот од Пржино. Кундерс во својство на претседавач со ЕУ, пишува дека се сериозно загрижени за состојбата во Македонија, која мора итно да се реши – за стабилноста на државата. Кундерс пишува дека договорот од Пржино што го потпишаа сите лидери мора да се почитува и тоа е силна позиција на ЕУ. Холандија предупредува дека ако пропадне Пржинскиот договор, Македонија ќе се соочи со сериозни последици и санкции.
„Фер, демократски и кредибилни и фер избори се круцијалниот дел од Пржинскиот договор кој не смее да пропадне за дмократската иднина на Вашата земја и тие мора да се испорачаат без понатамошни одлагања, пишува во писмото.
Кундерс ги повика и сите партии да помогнат во наоѓање решение за итно да се повлече аболицијата од Претседателот Иванов, а СЈО да продолжи со работа. Процесуирањето на обвиненијата за сите осомничени е основно правило на владењето на правото, пишува холандскиот шеф на дипломатијата.
„Да се овозможи на СЈО да ја исполни докрај својата обврска, без опструкции и пореметувања е витален дел од Пржинскиот договор, но и клучно за решавање на политичката криза и враќање на довербата на граѓаните, пишува холандскиот министер за надворешни работи.
Сихронизирани пораки аболицијата да се повлече и СЈО да не се опструира, и од двоецот Бејли и Орав. И двајцата признаваат дека се во интензивни контакти со партиите, но без да прецизираат детали од разговорите.
Дека има секојдневно билатерални контакти на нивните партиски тимови со амбасадорскиот двоец, потврдуваат и од партиите, за детали и тие молчат, само кусо велат дека засега нема приближување околу опциите што се на маса и тврдите позиции на Груевски и Заев./24 вести