Претставата „Демони“ од Достоевски, во режија на Пројковски прогласена за најдобра претстава на сезоната во Унгарија

од Milan1
150 прегледи

Претставата „Демони„ од Достоевски, во режија на Дејан Пројковски во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија, е прогласена за најдобра претстава на сезоната. Специјалната награда ја додели директорот на театарот, Mátyássy Szabolcs на свечена церемонија што се одржа на 20 јуни.

„Оваа претстава ми е на ум со денови. Таму сликите и звуците се силни. Дејството, играта, сето она што може да ја направи вечерта посебно доживување, дури и ако таа носи напнатост која ќе ве разбранува… За мене без претерување оваа претстава е една од најдобрите, која потсетува на златната ера на Националниот театар од Дебрецен. Инспиративната режија на Дејан Пројковски е на високо ниво, претставата не нуди лесна забава, но вреди да се обидете и да дозволите овој визионерски и тотален театар да ве понесе и вас„. – цитат од критиката на Миклош Сенаси.

„Демони“ на Пројковски беше поставена на крајот на април во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија и наиде на позитивни критики кај стручната јавност но и кај публиката. Покрај режијата на Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, драматизацијата на Сашо Димоски а музиката на Горан Трајкоски.

– „Навистина ми е драго што „Демони“ ја доби оваа престижна награда. Да се работи Достоевски навистина е голем предизвик, а уште поголем предизвик и чест е да се соработува со прекрасниот ансамбл на театарот во Дебрецен. Поминавме креативен процес, отворивме многу дилеми, нурнавме во тајните на човечката душа. Беше како една патување низ срцето и душата„ изјави Дејан Пројковски

Исто така, во март годинава Пројковски ја доби Меѓународната награда за режија на 9 Интернационален театарски фестивал кој се одржува во Истанбул, Турција. Наградата ја доделува најголемото и најпрестижно списание за театарска уметност „Тијатро“ во Турција.

Дејан Пројковски е еден од најзначајните и најнаградувани режисери на денешницата. Минатата година претставата „Ана Карењина“, заедно со уште една претстава на Пројковски, „Ричард трети“, беа дел од 10 издание на светската Театарска олимпијада во Унгарија. „Ана Карењина“ досега има освоено над 40 награди и е прогласена за најнаградувана претстава во историјата на Новосадскиот театар. „Ричард трети“ на 35. издание на Фестивалот на унгарски театри кој се одржува во Кишварди, доби две награди и тоа Гран при, најдобра претстава во целина и наградата за најдобра машка улога. Во листата на награди за Пројковски се и Наградата за најдобра режија за „Ричард трети“ според Belgrade Edt Culture, „Дон Жуан“ беше избрана за најдобра претстава во целина во Хрватска, претставата „Ромео и Јулија“ ја доби највисоката театарска награда во Турција, своевиден театарскиот „Оскар“.

Во ноември минатата година, во Српско Народно Позориште во Нови Сад, Пројковски го постави култниот текст „Скупљачи перја“ на Александар Петровиќ, а по драматизација на Сашо Димоски. Според критиките од соседството, преставата е спектакл, а посебен шмек и дава музиката на нашиот Оливер Јосифовски, која се изведува во живо.

Последната премиера на Пројковски во Македонија беше на крајот на минатата година во Драмски театар, „Падот на Масада“ по текст на Венко Андоновски, додека во велешкиот театар се играат претставите „Нема струја за електричниот стол“ и „Инферно“.

Слични содржини