„Претстои увоз на работна сила“: 700.000 граѓани ја напуштиле Северна Македонија за осум години

од Vladimir Zorba
467 прегледи

Од 2011 до 2019 година 700.000 луѓе се иселиле од Северна Македонија, односно секој четврти жител, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој во изјава за новинарите рече дека поради масовното иселување од земјава има празнина на пазарот на труд и дека тоа е проблем за целото општество.

„Иако тој тренд е намален во периодот на Ковид, за жал, тој сè уште претставува сериозен проблем не само за носителите на јавни функции и креаторите на политиките, туку и за општеството во целина, бидејќи постои јаз на пазарот на трудот“, рече Битиќи. како одговор на прашања по конференцијата.на која беше презентиран извештајот на ОБСЕ „Човечки капитал, миграција и како заедно да ја обликуваме иднината“.

Според него, има неколку клучни причини за иселување, но нивниот корен лежи во недовербата во институциите.

„Високата корупција и големата политичка нестабилност, желбата за подобар животен стандард, проблемите во образованието, здравството, немањето перспектива за децата, се само дел од причините кои ги туркаат, пред се, младите високообразовни кадри да ги реализираат своите сонови надвор од државата“, рече Битиќи.

Вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија рече дека има работа, но посочи дека 93,4 отсто од невработените во евиденцијата на Заводот за вработување се функционално неписмени, што значи дека нивните вештини не се совпаѓаат со пазарот на труд.

„Мислам дека дојде време сите да сфатиме дека треба да се промениме и да бидеме активни учесници на пазарот на трудот, секој може да придонесе колку што може. Тоа значи преквалификација, промена на работните навики, бидејќи има работа, има побарувачка на работна сила, но очигледно е дека погрешната политика од претходните 30 години не даде резултати, односно произведе работна сила која не одговара на пазар на труд“, рече Битиќи.

Поради празнината што се појавува на пазарот на трудот, Битиќи вели дека Северна Македонија веќе почнува да увезува работна сила.

„Нашите одат во Германија, но ние сме привлечни и за луѓето од другите земји. Платите овде се поконкурентни од земјите од кои доаѓаат. Во градежништвото имате сериозна бројка на турски граѓани, бидејќи платите во тој сектор се за околу 50 отсто повисоки од платите во Турција. Ги имате во ИТ секторот од Индија и Пакистан. Претстои увоз на работна сила“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Слични содржини