Приватните автобуски превозници информираа дека нивните автобуси засега остануваат паркирани на булеварот „Илинден” пред Градот Скопје. Тие се се надеваат на средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе зборуваат за актуелната состојба. Доколку не се оствари средбата, можно е и да се радикализираат протестите.
-Не знаеме кога ќе бидеме повикани. Тоа е на нив, во зависност од обврските на премиерот. Не сакам ни да помислам на тоа што би било доколку не не повикаат. Најверојатно ќе има радикализација на протестите, но сепак за тоа претходно треба да се состане координативното тело на приватните превозници и да ги договориме понатамошните чекори, посочи Кемал Муриќ од „Слобода превоз“, додавајќи дека градските власти не покажуваат никаков интерес да се обидат да ја решат состојбата.
Додека партиите бараат одговорност од првиот менаџер на Градот, Владата ќе превеземе мерки доколку Арсовска не седне да разговара со приватниците и да го реши проблемот.
-Ние во суштина комуницираме и сме склони да зборуваме со сите чинители во општеството, но навистина јавниот превоз е во ингеренции на Градот. Ние правиме се за да општините имаат доволно финансиски средства, токму за да испорачаат соодветни услуги кон граѓаните. Сметам дека Град Скопје треба да се одважи и конечно да се седне за да го решат проблемот. Доколку тоа не е возможно, Владата докажа дека е тука за граѓаните. Ако влеземе во преговори, но дали тоа ќе значи и одземање на ингеренции на Градот и влегување во суштински промени, не знам? Вакво однесување на надлежните е на штета на целокупното функционирање на системот, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Владата да го реши проблемот со приватните превозници побара и лидерот на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари. Тој вчера се сретна со нив на булеварот пред Градското собрание.
-Во разговорот се обврзавме дека Алијансата за Албанците преку своите пратеници и на кој било друг институционален начин ќе се заложи да им излезе во пресрет на приватните превозници, а го повикав премиерот и другите политичари заедно да се ангажираме за изнаоѓање решение, информираа од АА.
Возачите на автобусите на приватните превозници велат дека повеќе од 200 семејства се на раб на издржливост заради неисплатениот долг, додека во меѓувреме, градските власти ги отфрлуваат наводите дека им должат пари на компаниите.