Превозниците се тргнаа од „Илинденска“, оставаат простор на дијалогот

од Nikola Popovski
248 прегледи

Приватните превозници, кои во знак на протест две недели го блокираа Скопје, вчера ги повлекоа автобусите и чекаат покана за разговор со премиерот Димитар Ковачевски.

Претходно Ковачевски рече дека ќе се сретне со превозниците под услов да ги напуштат улиците на градот, а на средбата да присуствуваа и претставници на градската власт во Скопје, во чии раце е решавањето на проблемот.

„Ќе ги следиме сите негови сугестии и очекуваме да бидеме повикани на состанок. Во име на сите превозници, му благодарам на премиерот Ковачевски, кој некако реши да се вклучи во решавањето на овој проблем и мислам дека од својата премиерска позиција има големи можности да помогне во надминување“, изјави директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски на прес-конференција неколку часа по говорот на Ковачевски.

„По оваа прес-конференција ќе се повлечат сите автобуси кои се на улица за да се направи простор за дијалогот што тој (Ковачевски) го предлага. За нас ова е можност за средба на која ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за состојбите за да стигнат до сите. Ја прифаќаме идејата и како претставници на приватните превозници ја презентираме документацијата што ја имаме на средбата. Прифаќаме и бараме да има претставници од управата на Град Скопје, како и од Јавното сообраќајно претпријатие, да ги изнесат аргументите на сите три страни во овој проблем“, рече Јовановски, кој беше дециден дека протестот не треба да се сфати како притисок и закана, но како единствен начин превозниците да ги расчистат своите проблеми.

Премиерот најави дека е можна средба со приватните превозници, но постави неколку барања.

-Не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Скопје. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Град Скопје. Мора да се види дека нема надлежност Владата во делот на јавниот превоз во Скопје. Трето, се работи за должничко-доверителски односи меѓу приватни компании и јавно претрпријатие во надлежност на градот, рече вчера Ковачевски.

Превозниците речиси десет дена протестираат преку блокади на Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска истакна дека нема намера да им го плати долгот и им вели да тужат.

Слични содржини