Превозниците транспортери алармираат – новите правила за влез во „Шенген“ ќе го намалат бројот на македонски возачи, а негативно ќе влијаат и врз целото стопанство

од Vladimir Zorba
240 прегледи

Во исчекување на почетокот на примена на новите правила за влез во ЕУ, веќе станува се поизвесно дека тие ќе значат дополнително усложнување на работата на превозниците транспортери. Асоцијацијата Макам-транс веќе стапила во контакт со надлежни лица од Министерството за надворешни работи со барање да добијат  прецизни упатства за постапките кои треба да се спроведуваат од 2025 година, но  и објаснување на условите и можност за иземање од обврската за професионалните возачи.

Сепак, според генералниот секретар на Асоцијацијата- Биљана Муратовска, уште сега е очигледно  дека се што важи за сите граѓани на нашата држава ќе важи и за професионалните возачи што е и вообичаено за досегашниот начин на примена на  визната либерализација.

Она што не загрижува е фактот дека изгледа за да нема проблеми при вршење на меѓународен превоз, ќе мора возачите да вадат работни визи по примерот на правилата кои ги воспостави Швајцарија, со објаснување дека возачите вршат деловни активност иако се вработени кај македонски превозници, а не во швајцарски трговски друштва“, вели Муратовска за „Локално“.

Таа алармира дека на овој начин не само што се усложнува работата на превозниците-транспортери , туку и негативно се влијае врз целата дејност, но и на вкупната економија на нашата држава.

Со еден збор на заобиколен начин се укинува визната либерализација и се овозможува на земјите членки на ЕУ да привлекуваат уште поголем број на македонски возачи да се вработуваат во странски фирми, а мерките кои се применуваат на ниво на ЕУ се еден вид нестандардни мерки со кои се забавува растот и развојот на стопанствата во земјите кои не се дел од ЕУ“,коментира Муратовска.

Биљана Муратовска

Биљана Муратовска

Како проблем  ги посочува и дополнителните средства кои ќе треба да се уплатат, но и времето на чекање во насока на одобрување на работна виза .

Во однос на вредноста која ќе се плаќа за пријавување или обезбедување на работна виза немаме официјално сознание, но сепак се она што се воведува како дополнителен надоместок е трошок за превозниците во ефективни странски пари, но и загуба на конкретна работа поради чекање да се добие одобрување или работна виза за престој на територија на земјите членки на ЕУ , односно шенген зона, кој период може да биде од 10 -30 денови“, вели Муратовска.

Во нашата држава има повеќе од 16.000 професионални возачи, а нивната просечна возараст е 50 години. Сите се обврзани да имаат соодветна стручна подготовка и да знаат барем еден странски јазик. Во обид да се намали недостигот од овој кадар, по иницијатива на Макам- транс и на АСУЦ Боро Петрушевски по период од дури 20 години,  оваа училишна година повторно се воведе насока –возач. Слични мерки, како и дополнителни чекори за привлекување на младите и жените во оваа професија се превземаат и на светско ниво, бидејќи проекциите покажуваат дека до 2025 година над 2.000.000 возачи во светот, ќе заминат во пензија.

Инаку, новите правила за влез во ЕУ стапуваат на сила од 10 Ноември. Тогаш ќе започне примената на новиот систем за влез/излез (ЕЕС), кој ќе бара од патниците да ги регистрираат своите биометриски информации при пристигнување на граничен премин. ЕЕС е автоматизиран ИТ систем кој ќе ја следи регистрацијата на државјани од трети земји кои патуваат во ЕУ на краток престој (до 90 дена во било кој период од 180 дена). Дополнително, со воведувањето на Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS), граѓаните на земји кои не се членки на ЕУ, ќе треба да аплицираат онлајн за краток престој во ЕУ и да платат такса од 7 евра. Откако ќе добијат дозвола за влез, овластувањето ќе важи три години или додека не истече патниот документ користен при аплицирањето.

К.В.С.

Слични содржини