Презафатеност, грип или друга агенда: Каков впечаток се остава со посетата на Унгарија без владините партнери од ВЛЕН и ЗНАМ?

„Ако имаме средба Влада со Влада, редот е да бидат сите министри“: Дали можеше да оставиме подобар впечаток во Унгарија?

од Nikola Popovski
248 прегледи

Во Будимпешта се одржа вториот унгарско-македонски владин самит. Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводеше нашата делегација имаше тет-а-тет средба со колегата Виктор Орбан, по што двете влади одржаа заедничка седница, на која се разгледаа и усогласија клучни прашања од заеднички интерес. Седницата се одржа по билатералните средби на ресорните министри, кои послужија како основа за продлабочување и зацврстување на соработката.

Од објавените фотографии од Владата можеше да се види дека со премиерот во Унгарија се само дел од министрите и заменик-министрите во Владата. Во владината беа само министрите од ВМРО-ДПМНЕ, ама не и министрите од ЗНАМ и од коалицијата ВЛЕН. Од „Илинденска бр.2“, појаснуваат дека некои од министрите не отпатувале поради тоа што нивните ресорни колеги-министри од различни причини не биле во можност да се сретнат со нив.

Каква пораќа се испраќа? 

Дел од аналитичарите сметаат дека веројатно ВЛЕН нема некои клучни ресори и министерства кои се битни од карактерот на една сериозна меѓувладина средба и веројатно немало потреба за нивно присуство. За поранешниот министер Имер Селмани, ваквиот настап на Владата во надворешни рамки дава впечаток на нецелосност.

Според него, дел од министрите си дале свое објаснување – дали немало потреба, дали биле ангажирани на друго место или имале претходно некоја агенда.

Имер Селмани

-Во суштина ако веќе имаме средба Влада со Влада, редот е да бидат сите министри или повеќето. Вака некако како да е нецелосен настап на Владата. Самата Влада сигурно има објаснување, но мене ако прашате од позиција на бивш министер и од позиција на граѓанин, мислам дека вкупниот впечаток би бил најдобар кога целата Влада би била присутна таму, посочува Селмани во изјава за „Локално“.

Објаснување од членовите на ВЛЕН

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити во изјава за „ТВ24“ ги соопшти причините за неговото неучество на меѓувладината седница. Меџити накратко изјавил: „Не можам да патувам, имам грип“.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани вели дека не отишол во Будимпешта бидејќи имал настан во Велес. Лимани понатаму нагласува дека Владата работи тимски.

-Не отидов на меѓувладината седница во Будимпешта, бидејќи претходно имав закажано настан во Велес, на кој присуствуваше и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова. На самитот присуствуваат министри кои имаа планирано билатерални средби и потпишаа билатерални договори и меморандуми. Премиерот требаше да биде придружуван од министерот за финансии и министерот за надворешни работи, но секако можеа да одат и други министри. Во Владата нема несогласување, не станува збор за бојкот, работиме тимски, кажал Лимани за „Слободен печат“.

Со своја реакција и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Тврди дека имал работни активности во земјава и исполнета агенда.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска беше една од ретките министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ која не беше во Будимпешта. Објасни дека веќе била во главниот град на Унгарија пред извесен период.

-Јас во Будимпешта бев пред две недели и имав средби со министерот Халко Балаш кој што е задолжен за високото образование и иновациите. Во оваа делегација оди соодветниот министер затоа што кај што нив министерствата се малку поразлично организирани и одат министрите Панчо Тошковски и Зоран Љутков кои ќе имаат соодветни свои пандани. Јас веќе таа работа ја завршив пред две недели и имаме резултати од средбата, информира Јаневска.

Покрај Лимани, Меџити, Муртезани и Бесар Дурмиши во Унгарија не беа и министрите за правда и јавна администрација, Игор Филков и Горан Минчев.

Процесот на зачленување на Македонија во Европската унија трае предолго, но за тоа не е одговорна Македонија, туку членките на Европската унија, изјави Орбан на заедничката прес-конференција со Мицкоски, по одржаната заедничка меѓувладина седница.

-Го сметам за срамно тоа што го прави Европската унија. Тоа што можеме ние да го направиме како членка на Европската унија е што потесно да соработуваме со Македонија во економијата, трговијата, политиката, културата, полициската соработка. Ова не е замена за интеграцијата, или утешна наградата. Ние го поддржуваме зачленувањето на Македонија. Европската унија мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето, нагласи Орбан.

Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна била, е и ќе остане наша стратешка цел, истакна премиерот Мицкоски на прес-конференцијата во Будимпешта. Констатира дека иако плативме огромна цена, сè уште тапкаме во место.

Н.П.

Слични содржини